Правила

Што е Ki-Pay
Ki-Pay претставува сервис за електронска трговија и електронски плаќања иницирани на интернет и проследени кон системот за електронско банкарство на банката за наплата од трансакциска сметка на купувачот (плаќачот).
После изборот на основот за плаќање (купување производи и услуги, уплати за јавни давачки, трансфер на средства и друго), купувачот врши плаќање преку Кi-Pay со помош на електронското банкарство на банката која е негов сопствен избор.
Сопственик на Ki-Pay е КИБС АД Скопје.
Што е потребно за користење на Ki-Pay
За користење на Ki-Pay, купувачот треба да е корисник на е-банкарство на банка која е вклучена во сервисот Ki-Pay.
Електронска продавница
Електронска продавница претставува интернет регистриран домен, преку кој се врши иницирање на наплата кон своја сметка за продажба, услуги или трансфер на средства по друг основ.
Банки и продавници кои го користат Ki-Pay
Ki-Pay јавно го објавува списокот на банки како и списокот на електронски продавници кои се вклучени во сервисот на својата страница www.Ki-Pay.mk .
Лого на сервисот
Електронските продавници кои вршат наплата преку Кi-Pay, при нудење на избор на начин на плаќање, задолжително го користат логото на Ki-Pay.
Безбедност на плаќањата
Плаќањата преку Ki-Pay се безбедни и неотповикливи, бидејќи се реализираат преку електронското банкарство на банката кое го користи купувачот.
При меѓусебната комуникација, електронските продавници, банките и Ki-Pay користат безбедна комуникација, со користење на дигитални сертификати и енкрипција на податоците.
Заради сигурност и безбедност на плаќањето, купувачот треба да го провери идентитетот на Ki-Pay и на банката, преку проверка на валидноста на нивните дигитални потписи, кои се поставени на интернет страните кои се користат во постапката на плаќање.
Тајност на личните податоци
Податоците за најава на системот на електронско банкарство се достапни само во рамки на банката и не се достапни за Ki-Pay, ниту за електронските продавници.
Ki-Pay не врши регистрација на корисниците.
Банката и Ki-Pay обезбедуваат тајност на податоците на купувачите и сопствениците на електронски продавници, кои се разменуваат преку Ki-Pay. Податоците за работењето преку Ki-Pay и електронското банкарство на банката се сметаат за деловна тајна и може да се испорачаат само до купувачот и сопственикот на електронската продавница.
Доколку електронската продавница води евиденција и регистрација на купувачи, условите за чување на податоците на купувачите се предмет на регулирање помеѓу купувачот и електронската продавница.
Достапност на правилата на Ki-pay до купувачите
Правилата на Кi-Pay се објавуваат на секоја електронска продавница и на www.Ki-Pay.mk.
Легалност на продажбата
Сопственикот на електронска продавница има обврска да ги почитува сите законски прописи поврзани со деловното работење и посебно да не истакнува на продажба производи, услуги, човечки органи и сл. за кои постои законска забрана за продажба.
Испорака на производи и услуги
Испораката на производите и услугите платени преку Ki-Pay e обврска и одговорност на продавачот. Ki-Pay и банките не одговараат за квалитетот и испораката на производите и услугите кои се предмет на купопродажбата.
Решавање на рекламации
Во случај на рекламација купувачите можат да се обратат до:
  • Електронската продавница во врска со квалитетот, цената и испораката на производот
  • Банката, во врска со реализацијата на плаќањето
  • Ki-Pay, во случај на прекин во процесот на купување, појаснување на условите за плаќање и неможност за точно лоцирање на настанатиот проблем
Адресите, телефоните и времето за поддршка се објавени на веб страните на електронската продавница, банката и Ki-Pay.