Општи правила

Општи правила за Ki-Pay


1       Вовед

Со овој правилник се регулира начинот на функционирање на процесорот за електронска трговија и електронски плаќања - Ki-Pay.
Ki-Pay e процесор кој ги поврзува продажните места на интернет со интернет банкарствата на банките и овозможува плаќање на купените производи и добиени услуги на интернет преку трансакциската сметка на купувачот. Процесорот обезбедува и информирање на сите страни инволвирани во платежната трансакција (купувач, продавач и банка).

2       Цел на услугата

Целта на процесорот Ki-Pay е да обезбеди:
  • Прием на барања за наплата од продажни места на интернет отворени од регистрирани трговци кои имаат склучен договор со банка или продажни места на буџетски институции кои имаат склучен договор со КИБС.
  • Проследување на барање до избрана банка
  • Прием на информации за одобрување/одбивање на трансакцијата и известување на трговецот.
  • Евиденција на регистрирани интернет продажни места и банки учеснички.
  • Евиденција на иницирани и реализирани трансакции
  • Пресметка на наплата на провизија меѓу банки и КИБС;
  • Дополнителни услуги за трговци, банки и купувачи.

3       Дефиниција на Ki-Pay

Ki-Pay претставува процесор за електронска трговија и електронски плаќања иницирани на интернет и проследени кон системот за електронско банкарство на банката за наплата од трансакциска сметка на купувачот (плаќачот).
После изборот на основот за плаќање (купување производи и услуги, уплати за јавни давачки, трансфер на средства и друго), купувачот врши плаќање преку Ki-Pay со помош на електронското банкарство на банката која е негов сопствен избор.
Со користење на Ki-Pay може да се плати на: продавачи на производи или даватели на услуги, трговци, државни органи и органи на локална самоуправа за уплата на услуги, даноци и друг вид јавни давачки, комунални услуги, факултети за уплати на школарини и друго, односно на сите физички и правни лица, кои вршат продажба, наплата или трансфер на средства преку интернет со користење на сервисот Ki-Pay.

4       Учесници и улоги

Услугата се користи од трговци, буџетски институции, банки и купувачи (физички и правни лица).
Електронско продажно место (е-продавница или е-шалтер) претставува интернет регистриран домен, во сопственост на физичко или правно лице, преку кое се врши иницирање на наплата кон своја сметка за продажба, услуги или трансфер на средства по друг основ.
Електронско продажно место во сопственост на субјект кој има сметка во деловна банка се вика електронска продавница.
Електронско продажно место во сопственост на буџетска институција се нарекува електронски шалтер.
Трговците отвораат електронска продавница и склучуваат договор со избрана банка.
Буџетските институции отвораат електронски шалтер и склучуваат договор со КИБС.
Банките пристапуваат на Ki-Pay со склучување на Договор со КИБС.
Купувач преку Ki-Pay може да биде секој субјект (правно или физичко лице) што е корисник на е-банкарство на банка која е вклучена во Ki-Pay.

5       Правила за интеграција

КИБС донесува Правила за интеграција на електронските продавници и електронските шалтери со Ki-Pay и тоа:
  • Правила за интеграција на електронска продавница со Ki-Pay
  • Правила за интеграција на електронски шалтер со Ki-Pay
КИБС донесува Техничка спецификација за интеграција со сервисот Ki-Pay за секој вид на корисник и тоа:
  • Техничка спецификација за интеграција на банка со Ki-Pay
  • Техничка спецификација за интеграција на електронска продавница со Ki-Pay
  • Техничка спецификација за интеграција на електронски шалтер со Ki-Pay.

6       Правила на функционирање

6.1       Лого на Ki-Pay

Ki-Pay има свое лого кое го определува КИБС. Електронските продажни места кои вршат наплата преку Ki-Pay, при нудење на избор на начин на плаќање, задолжително го користат логото на Ki-Pay. Логото на Ki-Pay e заштитен знак и не смее да се користи за други намени кои не се во согласност со правилата на Ki-Pay.

6.2       Безбедност на плаќањата

Плаќањата преку Ki-Pay се извршуваат преку електронските банкарства на банките членки и се еднакво безбедни со останатите плаќања на соодветното електронското банкарство.
При меѓусебната комуникација електронските продажни места, банките и Ki-Pay користат безбедна комуникација, со користење на електронски потпис и енкрипција на податоците.
Заради сигурност и безбедност на плаќањето, купувачот треба да го провери идентитетот на Ki-Pay и на банката, преку проверка на валидноста на нивните дигитални сертификати, кои се поставени на интернет страните кои се користат во постапката на плаќање.

6.3       Неотповикливост на плаќањата

Плаќањата за кои банката преку чие електронско банкарство е извршено плаќањето испратила информација за успешно плаќање до Ki-Pay се неотповикливи.

6.4       Тајност на податоците

Податоците за најава на системот на електронско банкарство се достапни само во рамки на банката и не се достапни за Ki-Pay, ниту за електронските продажни места.
Ki-Pay не врши регистрација на корисниците.
Банката и Ki-Pay обезбедуваат тајност на податоците на купувачите и сопствениците на електронски продажни места, кои се разменуваат преку Ki-Pay. Податоците за работењето преку Ki-Pay и електронското банкарство на банката се сметаат за деловна тајна и може да се испорачаат само до купувачот и сопственикот на електронското продажно место.
Доколку електронското продажно место води евиденција и регистрација на купувачи, условите за чување на податоците на купувачите се предмет на регулирање помеѓу купувачот и електронското продажно место.

6.5       Достапност на Правилата на сервисот Ki-Pay до купувачите

Правилата на Ki-Pay се објавуваат на www.ki-pay.mk.

6.6       Објава на корисници на Ki-Pay

КИБС јавно го објавува списокот на банки како и списокот на електронски продажни места кои се вклучени во сервисот на својата страница www.ki-pay.mk.

6.7       Легалност на продажбата

Сопственикот на електронското продажно место има обврска да ги почитува сите законски прописи поврзани со деловното работење и посебно да не истакнува на продажба производи, услуги, човечки органи и сл. за кои постои законска забрана за продажба.

6.8       Испорака на производи и услуги

Испораката на производите и услугите платени преку Ki-Pay e обврска и одговорност на продавачот. Ki-Pay и банките не одговараат за квалитетот и испораката на производите и услугите кои се предмет на купопродажбата.

6.9       Контакт лица и рекламации

Електронските продажни места кои имаат склучен договор со банка со КИБС комуницираат преку соодветната банка.
Купувачите комуницираат со КИБС исклучиво преку банката или продажните места кои имаат склучено договор со КИБС.
Контакт лицата од КИБС се на располагање секој работен ден од 8 до 16 часот. Во итни и неодложни ситуации контакт лицата од КИБС се на располагање и надвор од ова време.
Секој банка и продажно место со договор склучен со КИБС од своја страна пријавува контакт лица.
КИБС прима рекламации за размената само во период на чување на информациите. По истекот на рокот за чување КИБС не е должен да одговори по рекламацијата.

6.10       Решавање на рекламации по трансакции

Во случај на рекламација купувачите можат да се обратат до:
  • Електронското продажно место во врска со квалитетот, цената и испораката на производот,
  • Банката во врска со реализацијата на плаќањето,
  • Ki-Pay, во случај на прекин во процесот на купување, појаснување на условите за плаќање и неможност за точно лоцирање на настанатиот проблем.
Адресите, телефоните и времето за поддршка се објавени на веб страните на електронското продажно место, банката и Ki-Pay.

7       Врска со други документи

Доколку со овој Правилник, со другите документи поврзани со овој Правилник или со Договорот за користење на услугата склучен со КИБС не е определено поинаку при функционирањето на услугата важат правилата и упатствата од другите акти на КИБС со кои се регулира размена на податоци, како и актите на КИБС на кои тие се повикуваат.

8       Време на чување на податоците

Времето на чување на податоци за трансакциите извршени со посредство на Ki-Pay е најмалку 6 (шест) години.
Времето на чување на други информации и документите за членство на банките и електронските продавници за кои КИБС склучува договори е најмалку 6 (шест) години по престанокот на договорот но не помалку од 6 (шест) години од последната трансакција направена преку банката членка или електронската продавница.
По истекот на овие рокови КИБС не е должен да чува и да дава информации за трансакциите и други информации и документи.

9       Тарифирање на услугата

9.1       Тарифи на КИБС

Тарифирањето на користењето на услугата е согласно на Тарифата на надоместоците за извршените услуги за Ki-Pay и склучениот договор.
За ненавремено плаќање на обврските за искористените услуги КИБС пресметува камата и има право времено или трајно да го исклучи корисникот.

9.2       Меѓубанкарски провизии

Пресметката и наплатата на меѓубанкарските провизии е согласно склучениот договор меѓу банките и КИБС за регулирање на меѓусебното прифаќање на плаќања преку процесорот Ki-Pay.

10       Ниво на услуга

Нивото на услугата кое КИБС го гарантира е регулирано со документот „Ниво на услуга за Ki-Pay“ кој се објавува на www.ki-pay.mk.

11       Доверливост

КИБС и корисниците примените податоци смеат да ги користат само согласно на склучените договори како и согласно со овој Правилник на начин утврден со техничкото упатство.
По исклучок примените податоци може да се користат за други намени само по претходна согласност на генераторот на тие податоци.

12       Заштита на лични податоци

За заштита на личните податоци кои можат да бидат дел од комуникацијата при извршувањето на услугата, КИБС ги применува законските прописи како и правилата, актите и мерките за заштита на лични податоци пропишани во КИБС.
Корисниците на услугата се должни да преземат мерки за заштита на разменетите лични податоци согласно позитивните законски норми.

13       Измени на Правилникот и другите акти

Овој Правилник и другите акти поврзани со услугата Ki-Pay како и начинот и условите за користење на услугата ги определува КИБС.
Измените на актите кои го регулираат користењето на услугата КИБС на корисниците на услугата ги најавува најмалку еден месец пред нивната измена.
По исклучок КИБС може да направи измени и во пократок рок во случаи кога причините се надвор од одговорностите на КИБС.

14       Права по услугата

Единствен сопственик на услугата Ki-Pay и сите нејзини делови е КИБС.
Користењето на Ki-Pay и/или негови делови за други намени и од други субјекти е можно само по претходен договор и согласност од КИБС.

15       Важност и примена на Правилникот

Правилникот за работа на услугата Ki-Pay влегува во сила со денот на донесувањето а ќе се применува по истек на еден месец од донесувањето.